WHY NAKED?

Ако стигна до тука, тогаш мислам дека е време да ти раскажам како всушност започна Naked.

"Love the skin you are in"

Naked Therapy не започна во лабораторија, ниту со некој совршено разработен бизнис план. Започна во мојата кујна — со неколку состојки, многу истражување и мојата желба да создадам нешто што навистина би сакала да го ставам на сопствената кожа.

Во тоа време и самата се борев со чувствителна и проблематична кожа. Пробував производ по производ, постојано барајќи нешто што ќе ми одговара. И некаде помеѓу сето тоа пробување, читање и истражување, си помислив:

А зошто да не се обидам сама?

И така започна сè.

Поминаа неколку години пред повторно да се вратам на сето тоа — овој пат со многу поголема љубопитност и желба навистина да научам како се создава еден производ од почеток.

Прво правев за себе. Потоа за моето семејство и блиските. А малку по малку, производите што ги создавав во мојата кујна почнаа да стигнуваат и до вас. 

И се роди Naked Therapy.

А потоа почнавме да растеме.

Со годините научив многу. Експериментирав, менував формули, правев грешки, усовршував производи, создавав нови, а со некои и се збогував.

Сакам секој производ што ќе го видиш тука да има причина зошто постои.

Денес многу повеќе се враќам кон едноставноста — висококвалитетни масла и путери, билки, маслени инфузи, локални состојки кога можам да ги набавам и формули кои ги создавам со намера.

Ништо од ова не е најбрзиот начин да се направи козметика.

Но тоа е начинот во кој јас верувам.

Има едно правило кое никогаш не го сменив.

Кога создавам нешто за Naked, секогаш си поставувам едно многу едноставно прашање: Дали јас би го користела ова? Дали би го однела дома и би му го дала на некој што го сакам?

Затоа што пред да биде производ што го продавам, сакам да биде производ на кој и самата му верувам.

И можеби токму затоа Naked сè уште го чувствувам толку лично.

Зад секоја формула, секоја серија, секое пакување и сите оние мали детали што можеби никогаш нема ни да ги забележиш — сè уште сум јас.


 

 

Она во што верувам денес.

Низ годините научив дека негата на кожата не треба да биде комплицирана, ниту да ветува совршенство.

Кожата е нашиот најголем орган и заслужува да внимаваме што ставаме на неа. А природата ни дава неверојатни состојки кои со генерации се дел од негата на кожата.

Од билката, преку моите раце, до твојата кожа.

Но сакам да знаеш и нешто друго: добрата нега бара време.

Не постои еден производ кој преку ноќ ќе ја направи кожата „совршена“. И не треба ни да ја идеализираме таа идеја. Добрата формула, состојките што и одговараат на твојата кожа и доследната нега се она што со текот на времето може да направи разлика во тоа како кожата изгледа и, уште поважно, како се чувствува.

Healthy skin > Perfect skin

И можеби токму тоа сакам да биде Naked за тебе — место каде што нема да дојдеш затоа што некој ти кажал дека со твојата кожа нешто „не е во ред“, туку затоа што сакаш да се грижиш за неа.

А јас ќе продолжам да го правам она што го правам од самиот почеток — да учам, да создавам, да подобрувам и да внимавам на секој производ што излегува од моето студио.

Добредојде во Naked Therapy.
Мило ми е што си тука. 

Nevenka Panova
Founder, Naked Therapy